Претседателот на Здружение на даночни советници Павле Гацов за Утрински брифинг вели дека со оглед дека се излезени кварталните податоци, очигледно е дека со априлските податоци продолжуваат позитивните бројки.
„Изгледноста дека ќе продолжи вака до крајот на годината, односно ако продолжи опаѓањето на пандемијата, економијата зема мал залет замав и по извесно време на пад, би се вратиле во некоја нормална состојба. Освен ДДВ добро поминува и данокот на добивка, бидејќи овој данок се наплаќа од добивка, што значи дека субјектите во 2020 не биле во толку лоша состојба како што мислевме сите. Кај персоналниот данок бројките се речиси еднакви како лани во овој квартал. Јас ги споредив бројките со оние од 2019 и во 2021 кварталот е подобар, и ни дава за право да кажеме дека трендовите се позитивни“, вели Гацов.
Toj вели дека прогресивното оданочување се одложува до 2023 година
„ Несериозно би било додека трае натпреварот вие да ги менувате правилата. Решение за буџетските приходи не се само зголемувањето на даночните стапки, туку еден базен кој не го користиме за црпење вода, тоа е сивата економија, кој според сите мерења кажуваат дека надминува една третина, што значи дека ние прибираме средства од тој базен и не го користиме како извор за финансирање на буџетските приходи. За да кажете некому што плаќа даноци дека заради тоа што немаме и треба да враќаме дека ќе плаќа повеќе, но во исто време тие што неплаќале да не ги нападнете со сите сили е несериозен пристап, така што во позиционирањето од каде треба да прибираме повеќе средства, јас прво би го адресирал патоказот кон сивата економија – тука треба политичка волја, добри алатки и сетоа ова да се прави без отстапки“, смета Гацов.