Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо го обвини Хакан Чалханоглу за поразот со 1:3 од Јувентус во дербито од 30-тото коло на Серија А. Младиот тренер изјави дека „умирал од лутина“ поради поразот, бидејќи „росонерите“ добро се држеле во Торино, но останале со празни раце.
„Се случи нешто слично како реваншот со Арсенал во Лигата на Европа. Повторно игравме добро, но лошото е дека на крајот изгубивме. Резултатот не е реален, но мора брзо да го надминеме разочарувањето и да застанеме на нозе. Сигурно има што да подобруваме, за да победиме на вакви натпревари“, рече Гатузо, а потоа го нападна Хакан Чалханоглу за вториот гол на Јуве, што се покажа како одлучувачки.
„Не ми се допаѓа дека секој пат кога Чалханоглу ќе ја загуби топката, почнува да гестикулира. Не сакам да го гледам тоа. Тој спушти поглед во земјата и дава забелешки на адреса на своите соиграчи, наместо да се размрда и да помогне во одбрана. Ако го направеше тоа, немаше да го примиме вториот гол“, го критикуваше Рино турскиот репрезентативец.
„На физички план не можеме да се мериме со Јувентус. Тоа ја направи разликата. Можам да стојам пред вас и да се насмевнувам, затоа што сме играле добро, но вистината е дека внатрешно умирам од лутина. Добрата игра е ништо, ако не води и за добар резултат“, заклучи тој.