Ѓаволот на Mерсел Биљали

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Својот последен напис „Избори за општ спас“ Мерсел Биљали го почнува со вообичаена парабола, каркатеристична на неговиот стил. Главна улога во таа парабола игра ѓаволот.

atanas-vangelov

Познат по тоа што бара илјада и еден начин „за полесно да го подбиди“ (Конески) човекот со исчукан ум, ѓаволот на Мерсел вади од своето торбе („арсенал“ во речникот на Биљали) од ѓаволска кожа една од своите ептен пеколни страсти. Излегува на пазар да го распродаде својот „алат“ за „пакости, омрази и злости“. Ама, тоа го прави и “на свој начин“ (Мијалков). Неговиот начин, според Мерсел, бил: тоа што било скапо, „златни стрелички“, да го продаде по багателни цени. Евтиното, „’рѓосени ножеви“, по – баснословни.

Се работи ли за некој „забеган“ ѓавол? Никако! Тој ѓавол игра на една вечна, империјална склоност на човекот кон лесни и брзи задоволства (иморализам) со голема привлечна моќ. Наспрема “трудот црн“ (Рацин) и маката како должности (морал) кои одбиваат. Впрочем, во својата славна “Генеалогија на моралот“ Ниче зборува дека науката-морал е измислица на слабите. Таа им служи како одбрана и “засолниште“ (Л. Колаковски). Силниот “натчовек“ е од “онаа страна на доброто и злото“ затоа што во силата е неговиот – морал. Иако Његош беше рекол: „Кому силата во топузот му лежи, трагата му смрди на нечоештина.“ Последнава парабола на Биљали како и сите, впрочем, од неговите написи си има своја конкретна адреса испишана со крупни букви. Адресата е ликови од високата власт кои, без око да им трепне, прибегнуваат кон пакости и злости во размереи достојни за нивниот учител-ѓавол.

Така, на пример, како власт (или само затоа што се власт!), тие решаваат да кренат во воздух објект, како оној “Космос“ на Фијат Цаноски, во вредност од вртоглави 64 000 000 евра и, згора на тоа, против сите закони (ГУП-ови и ДУП-ови) кои сами си ги носеле. Купуваат бесни мерцедеси (670 000 евра) од кои боли глава, со туѓи пари. Плацеви на “Водно“ за ич ништо пари, а од кинески фирми што ги плаќале со кредити од кинески банки наплатувале масни провизии во милионски суми евра. Се разбира, сето тоа го правеле „без око да им трепне“ откако, претходно, добро се „покриле“. Како? Поткупиле, нормално со наши пари, армија обвинители, судии, адвокати, нотари итн.

Или, накусо, се што треба (или мора!) да се поткупи. Ако не одело со поткуп (има такви што велат дека нема пара да го плати нивниот образ), тогаш прибегнувале кон испробани ѓаволски справички. Како, на пр., „стегањето ја…ца во фиока“ (Ј. Костова) кое секогаш давало резултати. По тие банални ама нужни “превентивни операции“, пристапувале кон финалната егзекуција. Се состои во тоа првин да се достигне банковното конто на Орце Камчев, Минчо Јорданов или Ѕинго легендата. Потоа, во погоден момент и да се надмине. „Опипливо“, така што тие отсега па “за напред“ (Мисирков) ќе можело да „им плукаат под прозор“ Тоа требало да им каже дека ни нивното не било вечно. Дека тркалцето се врти, дека нивното било и поминало. А пак тоа ти е како и да не било. Тој ѓавол на Биљали кој си игра “дрн-дупка“ (Г. Јанкуловска) со ликови од високата власт е, најверојатно, интимус на друг. Живеел во 15-ти век, во времето на Фауст.

 Тој Фауст му ја продал душата на ѓаволот Мефисто во замена за сето недостижно знаење на овој свет. Потоа, кога дошол ѓаволот „по своето“, Фауст разбира дека неговата душа била многу повеќе од тоа недостижо знаење на овој свет, дека бил измамен во таа зделка. Ама, немало каде. Ѓаволот му покажал договор со негов потпис и Фауст морало да плати. Како што сега, оние ликови од власта кои ги зема на нишан параболата на Биљали добиваат фактури за својата алчност од Специјалното на Катица Јанева. Нормално, тие пекаат и лелекаа. Тие го сатанизираат тоа Обвинителство. Ама, што фајде од тоа кога, со потпис и сведоци („Пржински договор“), сами му кумувале? Сега сами, или со услужната рака Устевен суд, ќе мора да го задават. Ако сакаат да куртулат. Има и трет ѓавол. Наспрема претходните двајца кои „подбидуваат“ било со материјални (плацеви, мерцедеси, провизии), било со духовни вредности (сето знаење на светот), тој ѓавол работи со нешто без кое не може да се замисли модерен човек. Работи со неговата слобода. Апостолот на актуелниот хуманизам Цветан Тодоров вели дека, во времето на Фауст, ѓаволот излегол со, за човекот, колосална понуда за неограничени слободи.. Ама, не му ја кажал и цената за тие неограничени слободи. Потоа, некои учени луѓе од времето на Ренесансата и на Просветителството (Монтескје, Монтењ) заклучиле, во нивните книги, дека тоа билo понуда која не се одбива. Други, темни луѓе (hommes sombres) решиле да го спроведат во живот тоа што го читале во книги. Така стапила на сцена нашата модерна демократија (Американската „Декларација за независност“, Француската револуција од 1789.) која вели дека слободниот човек е господар на себеси. Како што суверените народи се господари на себеси, свои на своето. Каде се, во таа глобал-приказна, нашите ликови од власта и на власт на кои нишани параболата на Биљали? Тие совршено добро знаат дека господарот-суверен народ клава на власт ликови за да му служат. Никако за да се служат со господар-народ по налог на диви, архајски страсти. Ама, како да се помири човек на власт со статусот слуга? Макар бил слуга на господар-суверен народ? Нема ли тој човек барем еднаш да посака да и даде оддишка на својата волја? Која е, истовремено, волја на господарот-суверен народ? Најпосле, зошто, барем малку, да не се послужи со тој суверен-народ кому „посветено“ му служи? Барем малку? Еден скоро непознат филозоф, Бојчо Пајтонџија од Велес, за тоа „барем малку“ велеше: „без една [ракија] можам, само со една не можам!“ Во прдевод, тоа значи: „без ништо власт можам, со малку ич не можам.“ Тоа се хиперискушенија на секоја (и со секоја!) власт која, како и „златните стрелички“ од параболата на Биљали, непогрешно пронижува срца на ликови од власт и на власт. Потоа почнува да се врти оној филм во кој живееме веќе десет години. Филм со пекања и лелекања, главно – подголтнати. Одвреме навреме и со некои „горчливи голтки непремолк“ (Г. Тодоровски), недоподголтнати.

Атанас Вангелов
фејсбук статус