Газа пред целосен колапс: Седум болници не работат, убиени повеќе од 60 медицински работници

од Stefanija Kuzmanovska
239 прегледи

Во Појасот Газа седум болници и 21 центар за примарна здравствена заштита се „надвор од функција“, а 64 припадници на медицинскиот персонал загинаа во израелските воздушни напади, изјави денеска портпаролот на палестинското министерство за здравство, Ашраф ел-Кидра.

Ел Кидра изјавил дека се уништени и 23 амбулантни возила, пренесе Си-Ен-Ен, наведувајќи дека не може самостојно да го потврди бројот на жртвите.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања во четвртокот соопшти дека повеќе од 60 отсто од примарните здравствени установи во Газа се затворени и дека болниците се на работ на колапс поради недостиг на електрична енергија, лекови, опрема и специјализиран персонал.

Напад на арапската болница Ал Ахли

Најголемиот напад врз болничките установи во Газа беше бомбардирањето на арапската болница Ал Ахли, во кое загинаа стотици луѓе, меѓу кои и деца.

Како што е соопштено, нападот се случил без никакво предупредување. Граната паднала врз болницата во која имало повеќе од 1.000 луѓе.

Хамас со соопштение на својот канал на Телеграм реагираше на нападот врз болницата во Газа и го нарече „геноцид“.

Палестинските власти го обвинија Израел за нападот, кој остро ги негираше обвинувањата.

Советникот на израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху рече дека „Израел не бомбардира болници“, а израелските одбранбени сили (ИДФ) го обвинија Исламски џихад за гранатирањето, а милитантната организација набрзо ја отфрли одговорноста.

Израелските власти објавија дека фактите што ги имаат јасно укажуваат дека експлозијата во болницата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета од милитантите во Газа.

Израелската војска објави наводни прислушувани разговори меѓу лидерите на Хамас, за кои Тел Авив тврди дека се случиле веднаш по гранатирањето на болницата.

Тие тврдења беа поддржани и од Соединетите Американски Држави. За време на посетата на Израел, претседателот Џозеф Бајден рече дека постои секоја можност нападот да го извршил „другиот тим, а не вие ​​(Израел)“.

Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, соопшти дека најмалку 500 луѓе загинале во експлозијата.

Слични содржини