Сопственикот на автобускиот превозник „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, се пријавил во КПУ „Идризово“ за да започне со издржување на правосилната затворска казна од 10 години, изречена за трагедијата кај Ласкарци. Влегувањето во затворот го потврдил директорот на установата Зоран Јовановски, наведувајќи дека Белули е примен и сместен согласно стандардната процедура.
Белули вешто го одложуваше одењето во затвор. Во октомври се повика на операција од кила на едниот тестис, а на 1 декември доби уште едно одложување поради операција на вториот тестис. Судијата за извршување санкции тогаш мораше лично да контактира со хирургот во тетовската болница за да ја провери веродостојноста на медицинските наоди. Сепак, правните можности за одложување се исцрпени и тој сега е зад решетки.
Пресудите за Белули и за неговиот соработник Ремзи Мифтари, одговорен за возниот парк на компанијата, станаа правосилни на 9 мај 2025 година, кога Апелациониот суд во Скопје ги зголеми казните на двајцата на по 10 години затвор.
Додека Белули се јави на издржување на казната, за Мифтари и натаму се трага. По неговото исчезнување кон крајот на ноември 2025 година беше активирана постапка за присилно спроведување и распишување потерница, по што институциите соопштуваа дека преземаат мерки за негово пронаоѓање.