Газдата на ФЦСБ по поразот од Шкендија: Ако нѐ елиминира и Дрита од Косово, тогаш да баталиме фудбал

од Nikola Popovski
23 прегледи

Контроверзниот сопственик и претседател на ФЦСБ (поранешна Стеауа) Џиџи Бекали даде контроверзна, па дури и скандалозна изјава по елиминацијата на неговиот клуб од Шкендија во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Иако беше огромен фаворит, ФЦСБ загуби во двата натпревари (1:0 и 2:1), па ќе го продолжи своето патување во 3. прелиминарно коло од Европа лигата. Таму, ФЦСБ ќе игра против Дрита од Косово, која Бекали ја нарече „најлошиот тим во квалификациите“.

„Ако клубот од Косово нè исфрли, тогаш треба да баталиме фудбал. Точно така. Верувам дека нема послаб тим во квалификациите од оној против кој ќе играме“, рече Бекали.

Бекали е една од највлијателните и најконтроверзни личности во романскиот фудбал со децении. Познат е по своите испади, националистичка реторика и мешањето на религијата со фудбалот.

Шкендија по исфрлувањето на ФЦСБ ќе игра против азербејџански Карабах во третото квалификациско коло за пласман во групите на ЛШ.