Газдата на „Пуцко Петрол“ на средба во Владата, а претходно го обвинуваа дека бил криминалец – порачаа социјалдемократите

„Колку само прес-конференции ВМРО одржа против Јахоски и Пуцко Петрол дека го труел народот“, прашаа од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
50 прегледи Фото: Фесјбук/Христијан Мицкоски

Социјалдемократите попладнево соопштија дека Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“ вчера бил на состанок со премиерот Христијан Мицкоски во Владата. Од партијата потсетуваат на „прес-конференциите ВМРО-ДПМНЕ ги одржа против Јахоски и Пуцко Петрол“, обвинувајќи го „дека бил криминалец и дека го труел народот“.

„Колку само изјави лично од Мицкоски? Во март, минатата година, Јахоски беше приведен, беше спроведен во притвор како осомничен во врска со сучај за мазут за ТЕ Неготино.

Прашањето е дали во рамки на дилот за враќање на Груби има договорени и бизни интерес на Мицкоски“, прашуваат од СДСМ.

Мицкоски вчера по средбата со претставници на нафтената индустрија во државата, а во контекст на актуелната криза на Блискиот Исток, порача дека нема простор за загриженост и дека резерви на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат.

„Имав средба со претставници на нафтената индустрија во државата. Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати, имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат“, објави премиерот.

Јахоски е осомничен за перење пари, во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс-директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча  и уште 6 лица кои учествувале во реализацијата на набавките мазут вредни над 160 милиони евра.

Скопска апелација тогаш му ја прифати гаранцијата од над 2 милиони евра и му определи мерки на претпазливост одземање на пасош и редовно јавување во суд. Гаранцијата се состои од речиси 1 милион евра во недвижен имот и над милион евра пари.