Газдите заборавија на фразите – секој е заменлив и ако не ти се работи има друг

„Работодавачите мора да разберат дека ако сакаат да ги задржат работниците ќе мора да му понудат повисока плата и подобри услови. Помина времето кога лесно се наоѓаа работници, сега работа има, ама нема работници“, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

Недостигот на работници ги фрли во заборав фразите на работодавачите дека секој е заменлив и ако не ти се работи има друг што ќе те замени. Се поголем број работници заминуваат на работа надвор од државата, а газдите неможат да ги задржат со платите кои моментално ги нудат. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ако не се зголеми минималната плата на 700 евра и тие работници што останаа ќе заминат во соседството каде платите се повисоки, а има и подобри услови за работа.

– Барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците. Моментално една минимална плата на едно семејство му оди само за храна. Работодавачите мора да разберат дека ако сакаат да ги задржат работниците ќе мора да му понудат повисока плата и подобри услови. Помина времето кога лесно се наоѓаа работници, сега работа има, ама нема работници, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.

Иван Пешевски/Фото: Фејсбук

Тој вели дека не е точно дека зголемување на платите ќе преизвика финансиски потешкотии и затварање на фирмите. Напротив праксата покажала дека и покрај зголемување на платите поголем број фирми се отвараат отколку што се затвараат.

Работодавачите пак, продолжуваат да го бранат нивниот став дека фирмите имаат многу трошоци и оти едвај успеваат да им ги исплатат моменталните плати и ако им ги зголемат ќе трерба да ги затворат фирмите. Според нив, за да се зголемат платите треба да се зголеми продуктивната, која според нив е далеку зад онаа на развиените европски економии.

-Треба да научиме дека треба да работиме за да земаме плата. Треба да креираме ситуација на работење во општеството. Во приватните компании, секој оној што работи добро и е квалитетен зема голема плата. Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на зголемувањето на сите други плати, а малите и средните компании нема да може да го издржат тој товар, бидејќи не се профитабилни колку големите компании, изјави неодамна претседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски.

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека и покрај тоа што во јавноста многу се збори за тоа дека газдите треба да го сменат односот и повеќе да ги ценат работниците, во пракса состојбата е сосема поинаква. Газдите си тераат по нивно и си ги полнат џебовите, а сакаат еден работник да им работи за тројца. Дел од коментарите се и дека газдите можеби ќе најдат работници, но не за 24.500 денари месечно.