ГДУ: Итните вложувањата во регионалните здравствени центри ќе креираат нови работни места

од Берта Китинска
517 прегледи

Граѓанско Демократската Унија се залага за целосна систематизација и консолидација на здравствениот систем, со реформирана Лекарска Комора која нема само да издава лиценци и потврди за лекарски грешки, туку и ќе дава конкретни предлози и решенија за работата на лекарите, порача Енсер Јусуфоски, носител на листата во ИЕ 2 на Граѓанско Демократската Унија.

На денешната прес-конференција тој истакна дека итните вложувања во регионалните здравствени центри ќе креираат и нови работни места за младите здравствени работници, ќе создадат услови да ги задржиме во земјава и да помогнат во развојот на здравствената заштита и услуги за граѓаните на Македонија. За ГДУ ова се потези што секоја владина коалиција треба да ги препознае како итна.

-ГДУ ќе се заложи за неодложни инвестиции во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола, Прилеп, Кичево, Тетово, односно во секој град каде условите за лекување се под минимумот неопходен за пружање здравствени услуги на пациентите. Нашата замисла е да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги, а истовремено и локалните власти да почнат да функционираат и да преземат одговорност и за здравствената политика на своето подрачје. На Македонија и недостасуваат лекари по општа пракса и треба и во таа насока да се мотивираат или да се најде форма да се стимулираат студентите за понатамошното школување. Но, ако како систем им понудиме на младите доктори, сестри, здравствени работници нови, модерни и современи установи за работа, имаме можности да ги задржиме дома, дури и во услови да не може системот да им обезбеди високи плати, рече Јусуфоски.

Можноста за специјализација и усовршување на знаењето и вештините, според ГДУ треба да биде доволна стимулација да се запре одливот на здравствениот кадар во европските држави.

Промените во Фондот за здравствено осигурување, за кои се залагаме ќе овозможат осигурениците да добијат партнер во делот на здравствените услуги, а не уште две директорски столчиња за пополнување со послушниците на новата владејачка коалиција. Фондот треба да воспостави систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурениците.

Првиот пакет предвидува задолжителна здравствена заштита за секој, а вториот пакет е незадолжителен, во него доплаќа само оној кој сака и дополнителни здравствени услуги. Планот е услугите од двата пакета на пациентот да му се достапни и во јавните и во приватните здравствени институции според системот на референтни цени за здравствените услуги.

Слични содржини