Гејтс: Вакцина против коронавирусот е најзначајната работа што некогаш му била потребна на светот

од Vladimir Zorba
252 прегледи

Ко-основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс изјави дека „не бевме подготвени“ за коронавирусот и ги критикуваше властите во светот што не направиле доволно за да се подготват за глобалната пандемија.

Тој ги критикуваше светските лидери што не вложиле доволно за тестирање и опрема навреме, особено кога вирусот за прв пат се појави во Кина минатиот декември.

Во интервју за Би-Би-Си, Гејтс рече дека „многу малку земји ќе добијат „оценка пет“ за тоа како одговориле на заканата од заразата што го зафати светот пред само три месеци.

На глобално ниво, најмалку 1,8 милиони луѓе се заразени, 112.000 умреле и 415,000 се опоравиле од вирусот, според универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Овие официјални бројки ги потценуваат вистинските факти за инфекцијата поради недоволно испитување и нерамномерно пребројување на мртвите, а некои влади сакаат да кријат колку заразата се проширила во нивната земја.

Непозната територија

Гејтс, кој работи со неговата сопруга Мелинда за да пронајде вакцини ширум светот, денеска од Сиетл ги критикуваше владите ширум светот дека не се подготвиле за пандемијата со симулирање на можни сценарија и тестирање на нивната опрема.

„Ние сме на непозната територија заради оваа неподготвеност“, рече Гејтс.

Водејќи ја фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, тој донираше повеќе од 35 милијарди американски долари за разни цели и проекти, вклучувајќи истражување за вакцини со надеж дека ќе може да сопре потенцијални пандемии, вклучувајќи коронавирус и ебола.

Бил и Мелинда Гејтс зборуваа долго за стравувањата од пандемија, предупредувајќи го светот дека не е подготвен да одговори на пандемијата.

Голем број влади ширум светот, меѓу кои и оние на Борис Џонсон и Доналд Трамп, беа критикувани поради тоа што не набавиле доволно лична заштитна опрема за медицинскиот персонал, доволно тестови за работниците во првите редови и респиратори за пациентите.

Милијардерот филантроп за Би-Би-Си изјави: „Претходно кажав дека пандемиите имаат најголем потенцијал да го одвлечат светот во голема криза … Сигурно ќе погледнеме наназад и ќе посакаме да сме инвестирале повеќе за да можеме брзо да имаме дијагностика, лекови и вакцини… Тогаш дојде периодот во кој се појави вирусот, но какви тестови беа подготвени во тој момент?“

Премногу малку се тестира

Гејтс, кој е втора најбогата личност во светот, забележа недостиг на инвестиции, кој стои зад недоволното тестирање.

Тој додаде: „Инвестициите можеа да ја направат дијагностиката лесно достапна, со лекови и вакцини за двојно пократко времето, но повеќето од тие инвестиции не беа направени. Сега се бориме и ни треба повеќе време за да ставиме сè на вистинското место, иако научниците прават херојска работа“.

„За разлика од подготовките за војна, каде правиме симулација на проблемот и се осигураме дека сме добри во тоа, имаше многу малку подготовки за овој ризик, за кој проценив дека е поголем од ризикот од војна“, рече тој.

„Сепак, верувам дека ќе бидеме подготвени за следната пандемија со употреба на нови научни знаења“, смета Гејтс.

Милјардерот понатаму вели дека некои земји се пред други во однос на ова прашање.

– Тие навистина проверуваа дали има ширење заедницата и брзо го зголемија капацитетот. Треба да бидеме подготвени за дијагностика во рок од еден месец, треба да имаме терапевтика во рок од четири месеци, а вакцината ќе ја имаме за помалку од една година ако се потпреме на вистинските фабрики и вистинската наука, вели филантропот.

Тој додаде дека вакцината ќе треба да им се даде на сите луѓе, што значи 7,7 милијарди.

„Вакцина против коронавирусот е најзначајната работа што некогаш му била потребна на светот“, рече тој.

Тој исто така рече дека се согласува со доктор Тони Фаучи дека вакцината ќе биде достапна за 18 месеци.

Слични содржини