На денешниот протест пред МРТ генералот Стојанче Ангелов се обрати пред присутните и соопшти дека власта планира да креира црни сценарија.
“Власта преку црни сценарија планира да ја дестабилизира Македонија. Откако лидерот на опозицијата Зоран Заев почна да ги објавува нивните криминали со снимки од телефонски разговори се закануваат дека ќе го уапсат. Им порачувам да не си играат, ни на сон да не помислат да го апсат оти ќе падне крв” порача генералот Ангелов.
„Никој во државава нема да направи монструозен план. Добив информација дека се дадени 2 милиони евра на албански криминалци, кои не се од УЧК, за да извршат убиства и да направат тензии. Да се направи злостор, а потоа да се обвинат Заев и Ангелов“, рече Ангелов пред насобраниот народ.
Лидерот на „Достоинство“ најави дека викендот после Велигден на голем собир ќе се собере народ кој јавно, слободно и демократски ќе побара да си замине оваа влада.
Ангелов нагласи дека Македонија кризната 2001 година потрошила една милијарда германски марки, а оваа, како што рече, криминална влада украла и потрошила милијарди евра.
Тој уште еднаш потсети дека важи понудата од милион евра за било кој јавен обвинител во Македонија што ќе го уапси лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Никола Груевски.
