Премиерот Кирил Петков му вети на комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи дека до крајот на јуни ќе го укине ветото за северна Македонија. Ова го потврдила бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска како одговор на прашање на лидерот на „Препород“, Костадин Костадинов од собраниската говорница во Народното Собрание во Бугарија.
Костадинов прашал: „Дали Вархеји ви кажа дека во разговорот со Кирил Петков на 17 февруари му ветил дека е подготвен да го укине ветото до крајот на француското претседателство, односно до крајот на јуни?“
Генчовска одговорила:
„На состанокот присуствуваа речиси 7-8 луѓе од тимот на МНР и како и секогаш на сите состаноци се подготвува меморандум од оваа средба. Оваа белешка е отворена и го потврдува токму тоа што го поставивте во вашето прашање. Да, точно така“.
За време на седницата, повеќечасовни контроверзии и обвинувања ја предизвикале изјавата на Генчовска дека во Бугарија се води паралелна надворешна политика во однос на темата околу ветото за членството на Северна Македонија во ЕУ:
„Советникот за надворешна политика на премиерот го испрати своето предлог-ревизија на рамковната позиција. Оваа нова рамковна позиција – став, не го вклучува бугарскиот став за таканаречениот македонски јазик. Барањето европски гаранции во однос на спроведувањето на договорот од 2017 година станува неодржливо“.
Според неа, додека Министерството за надворешни работи се обидувало да преговара, „на друго место се чинеше дека Бугарија е подготвена за отстапки“.
Потоа, како одговор на прашање, Генчовска рекла дека премиерот Кирил Петков се заложил пред еврокомесарот Вархеи да го укине ветото за Македонија.