Генерал Котески за „Локално“: АРМ мора да се модернизира

од Nikola Popovski
315 прегледи

Познавачите на состојбите во АРМ се согласуваат со министерката за одбрана, Славјанка Петровска дека донираните хеликоптери за Украина не ја намалуваат борбената готовност на нашата Армија. Генералот-потполковник и поранешен началник на ГШ на АРМ, Горан Котески истакнува дека донирањето на 12 борбени хеликоптери е респектабилна бројка, доколку тие се исправни.

-Меѓутоа тие не се во оперативна готовност, односно не можат да се летаат и да ги извршуваат борбените задачи – ниту Ми-24, ниту транспортните Ми-17. Затоа со ова не се нарушува борбената готовност. Само две хеликоптери во моментов се на ремонт во Чешка и тие треба да се вратат назад и да се стават во оперативна употреба, вели Котески за „Локално“.

Според него, за да се избегнат вакви работи, без разлика дали се донира или истекува ресурсот на одредено летало или друг борбен систем, потребно е континуирано задоволување на одбранбените ресурси и техника и да се планира подновување.

Тој го оправдува модернизирањето на АРМ и ослободувањето од старото југословенско оружје.

-АРМ се нема модернизирано долго време. Потребна е ова затоа што како НАТО членка мораме да поседуваме сопственици капацитети во делот на копнената војска и военото воздухопловство. 30 години само правиме планови за реализација, а не ги реализираат. Во 2015 година со долгорочниот план беа одобрени 250 милиони евра за модернизација со 10 проекти, но ниту еден проект не се реализираше и тие пари останаа во Буџетот, посочува Котески.

Потенцира дека НАТО како алијанса по Членот 5 ја гарантира безбедноста на секоја членка, но за да се реализира секоја членка треба да има свој одбранбен капацитет.

-Одбраната и безбедноста на НАТО алијансата е вкупен збир од поединечни и одбранбени капацитети на секоја членка. Сите овие набавки ќе бидат купени од НАТО членки кои поседуваат воена индустрија. Ние мораме да купиме дали од САД, Германија или Турција. Очекувам дека во делот на набавката ќе се почитува интересот на земјата и треба да се види кои земји најмногу ни помогнале како донатори, ни кажа генералот и додава дека досега најголема донација сме добиле од САД и Турција.

-Мислам дека и системите кои ќе се набавуваат ќе бидат за утре да имаме некаква корист и во политичките пресметки во однос на некои прашања кои треба да се решат за нашата земја, заклучува поранешниот началник на ГШ при АРМ.

Н.П.

Слични содржини