Генсекот на Владата донесе Упатство за лобирање за спречување на нелегитимното влијание врз јавните политики и можни коруптивни ефекти

од Nikola Popovski
126 прегледи

Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Методија Димовски донесе Упатство за остварување, евиденција и идентификување на контакти со цел лобирање, процеси на подготвување, донесување и изменување на акти и објавување соопштенија за остварени официјални средби и состаноци, со цел да се спречи нелегитимното влијание врз јавните политики и процеси и можни коруптивни ефекти, а во функција на исполнување на обврската од членот 24 од Законот за лобирање  кој е во примена од јуни годинава.

Донесувањето на овој акт беше направено во координација и со помош на Државната комисија за спречување на корупцијата, со која и натаму ќе продолжи соработката во однос на практична примена на Законот за лобирање и Упатството.

Донесеното Упатство ќе се применува при координација и учество во креирањето на јавни политики од сите сфери на општественото живеење. Ќе се користи и при разгледување и утврдување на предлози за донесување закони, нацрт-закони и предлог-закони како и разгледување и донесување на други прописи и општи акти за кои е надлежна Владата, како и  при донесување на Годишна програма на Владата и утврдување на стратешките приоритети на Владата.

Органите кај кои се лобира се должни во рок од 30 дена од донесување на внатрешните акти предвидени во член 24 од Законот за лобирање, да ја известат Државната комисија за утврдените процедури, односно правила и да ги достават до Државната комисија заради објавување во Регистарот.

Според членот 25 од Законот за лобирање, органите кај кои се лобира се должни на своите веб-страници да објавуваат податоци за идентитетот на учесниците во процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики, односно програми, закони или подзаконски или други општи акти, субјектите чии интереси биле застапувани, условите под кои учеството било остварено и исплатените надоместоци и тоа во текот на процесот, а најдоцна во рок од пет работни дена по завршување на процесите.

По исклучок, органите кај кои се лобира можат да ја ограничат транспарентноста на процесите и објавувањето на податоците кои претставуваат класифицирана информација со соодветен степен на класификација согласно со закон, со тоа што ќе ги одвојат тие податоци, а останатите ќе ги направат јавно достапни без притоа да се загрози безбедноста на класифицираните информации.

Едновремено, во Владата на Република Северна Македонија е назначено и лице од редот на административните службеници задолжено за водење евиденција на остварени контакти со цел лобирање и други контакти остварени со службени лица во Владата.

Линк до упатството: Упатство за остварување, евиденција и идентификување на контакти со цел лобирање, процеси на подготвување, донесување и изменување на акти и објавување соопштенија за остварени официјални средби и состаноци

Слични содржини