Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации, ова денеска го истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во врска со објавениот и потврден Извештај на Светската организација за заштита на природни и културни богатства во кој останува препораката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата светски културни и природни наследства во опасност.
Во текот на наредниот период, Георгиески најави активностите за отстранување на нелегалните објекти и платформите во делот на месноста Елешец и платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот Студенчишта кон Горица 1 и плажите во делот на населбата Канео, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.
Според него, конечниот извештај УНЕСКО треба да го објави на 4 јуни, а Извештајот што имавме можност да го видиме е нацрт-верзијата и се однесува на периодот додека беше присутна Реактивната мисија што беше до јануари 2020. Тој не очекува некои големи разлики и во финалниот извештај, а дали регионот ќе биде ставен на Листата во опасност натаму ќе зависи од Комитетот на оваа организација на Обединетите нации.