Георгиески: Се отстрануваат времените објекти во кампот „Градиште“

од Nikola Popovski
333 прегледи

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески попладнево објави дека општината донела Решение за отстранување на времените објекти, во автокампот „Градиште“ откога при спроведениот вонреден инспекциски надзор на 15 автокамп приколки, затекнати биле бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи.

„Исто така затекнати беа недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, а на одредени локации и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија“, објави тој на својот Фејсбук профил.

Според него, овие дејствија во автокампот „Градиште“ се надвор од сите одобрени проекти и законски прописи.

„Токму затоа општина Охрид апелира, сопствениците сами да ги отстранат сите доградби и надградби на камп-приколките во спротивно во следниот период ќе бидат отстранети“, истакнува градоначалникот и додава дека општина Охрид и во следниот период ќе продолжи со спроведување на инспекциски контроли и во другите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Слични содржини