Успесите и испорачаните резултати на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, беа едни од најважните причини поради кои Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на вчерашната седница, одлучи да ни даде уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на Статусот на заштитено подрачје, кој веќе 40 години го поседува Охридскиот регион, изјави денеска на прес-конференција, градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.
Според него, како градоначалник и за Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија.
Упатувам голема благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за тоа што покажа желба на објективен начин да ја согледа целокупната состојба и тоа што успеа да ја препознае нашата вистинска волја, капацитет и подготвеност, да се соочиме со наследените катастрофални состојби.
-Уште еднаш сакам да потенцирам дека оваа Локална власт со поддршката на Владата на Република Северна Македонија и во соработка со сите надлежни институции е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките, истакна Георгиески.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на вчерашната 44 сесија, која се одржи во Фуџу, Кина, донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот.