Георгиев: Бугарија ќе се придржува до францускиот предлог и нема да се повлече ниту центиметар

од Nikola Popovski
51 прегледи

Воздржаниот европски дипломатски тон и однесување на Бугарија, во апсолутна спротивност на понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност, коментирал министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев во врска со одлуката усвоена денес од страна на бугарското Народно собрание, поврзана со напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.

„Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во однос на европската интеграција на Западен Балкан и конкретно на нашиот западен сосед – Република Северна Македонија, беше целосно стабилна и цврста“, рекол Георгиев.

„Бугарија ќе продолжи да се придржува кон договорот од 2022 година. Нема да се повлечеме ниту еден центиметар од него“, изјавил тамошниот министер за надворешни работи.

„Нема да престанеме да повторуваме дека почитувањето на европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок, а критериумите за членство утврдени во консензусот од 2022 година меѓу ЕУ и РСМ мора да бидат исполнети за оваа земја да продолжи напред во својот процес на европска интеграција“, додал министерот, пренесуваат бугарските медиуми.

На прашањето дали Бугарија би ставила вето доколку преговорите за пристапување на Македонија бидат започнати пред да има промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство, шефот на бугарската дипломатија изјавил дека од сите разговори што ги имал досега, вклучително и пред два дена со неговиот австриски колега, немало таков став, туку токму спротивното.

„Ги слушнавте и претседателот на Советот, Антонио Кошта и високата претставничка Каја Калас. Сите рекоа едно: „Нема опција Б, нема план Б“. Планот е еден – промена на Уставот, исполнување на критериумите за кластерите, за да може процесот да продолжи напред“.

„Многу сум збунет како претставниците на земја-кандидат користат многу лекомислени формулации. Второ, ме збунува од каде и како имаат однапред внатрешни информации за европските институции, но ова е тема на која можеби и самите европратеници треба да обрнат внимание“, рекол Георгиев.

Тој ги повикал сите што сакаат да бидат дел од европскиот систем на вредности, одлуки и институции да се придржуваат кон европските правила.

„Нема шанси да бидете во ЕУ ако не сакате да се однесувате европски“, дециден бил бугарскиот министер.

Слични содржини