Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев го информирал својот македонски колега Тимчо Муцунски за одлуката на бугарското Собрание и усвоената резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, усвоена на 30 мај 2025 година. Ова го соопштиле прес-центарот на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Шефот на бугарската дипломатија изјавил дека овој акт уште еднаш ја потврдува непроменливата позиција на нивната земја за категорична посветеност на францускиот предлог од јули 2022 година и упатил охрабрувачки повик до македонската Влада да ги спроведе постигнатите договори.
-Особено важна поента е што текстот на Одлуката потврдува дека нашата земја нема услови надвор од елементите на европскиот консензус, нагласил Георгиев и додал дека ова е исто така јасен сигнал за конструктивниот пристап на Бугарија.
Истите ставови ги презентирала и заменик-министерката за надворешни работи Елена Шекерлетова, која официјално ја предала одлуката на тамошното Национално собрание на амбасадорката на Република Македонија, Агнеса Руси Поповска и ја запознала со нејзиниот целосен текст.
-Уште еднаш, Бугарија покажува дека е доследна во својата поддршка за Република Македонија и останува тесно посветена на спроведувањето на договорите меѓу ЕУ и Скопје.
Во парламентарната одлука се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија исто така строго да ги спроведуваат договорите што ги презеле. Се нагласува дека сите обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од постигнатите договори се неприфатливи, велат од бугарското МНР, пренесуваат бугарските медиуми.