Георгиев го повика Лога да присуствува на седниците на Судски совет

од Vladimir Zorba
201 прегледи

Oчекувам и во интерес на правосудството е министерот за правда, Кренар Лога, да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со кој што се соочуваме како правосудство, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

На прашање како ги коментира ставовите на министерот Лога, во однос на работата на Судскиот совет, тој рече дека смета дека тоа е видување на министерот.

– Ова е негово видување, но да не заборавиме дека министерот за правда е член на Судскиот совет на секоја седница по функција на службеност тој е повикуван, ги добива материјалите, записниците за работа и очекувам и во интерес на правосудството е тој да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со кој што се соочуваме како правосудство, рече Георгиев.

Дополни дека не би се впуштал во гледиштето на министерот, но, како што рече, „го повикувам во иднина да биде активен и да преземе проактивно учество во работењето како член на Судскиот совет“.

– Иако согласно Законот е ограничено правото на гласање и на учество во делот на гласањето, но во делот на решавањето на проблемите, во делот на соочувањето со реалните проблеми кои се дискутираат, а со кои се соочуваме во тековното работење, тука е неминовно дека може да даде свој придонес во решавањето на овие проблеми, рече претседателот на Судскиот совет.

Слични содржини