„Со својата резолуција за Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија (РСМ), Европскиот парламент не дозволи тој да биде инструментализиран за потребите на внатрешната политичка дебата на земја-кандидат“. Ова го изјавил министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев од собраниската говорница. Ова, според неговите зборови, е и израз на тоа какви резултати може да донесе обединувањето во Бугарија.
Георгиев им се заблагодарил на лидерите на политичките партии во Бугарија, на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на премиерот Росен Жељазков, на бугарските европратеници, на претставниците на сите партии кои со своите напори, како што вели, овозможија да се слушнат разумни аргументи.
-Бидејќи на таков извештај не треба да му се дозволи да излезе од рамките на надлежностите на ЕП, ниту едно законодавно тело не може и не треба да толкува теми поврзани со научна дискусија, нагласил софискиот министер за надворешни работи.
Годишниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ беше усвоен со 461 глас „за“, 121 глас „против“ и 107 „воздржани“ од 689 гласови на пленарната седница денес во Стразбур.
-Она што сите го направивме, обединети во нашите напори, е да покажеме дека дебатата за проширувањето на ЕУ треба да продолжи, но врз основа на принципот на сопствените заслуги, истакнал Георгиев.
-Токму за да се постигнат позитивни резултати е важно да се слушне гласот на земјите од ЕУ. Ако до пред неколку недели темата се користеше и во нашиот внатрешнополитички аспект за да се обвинува владата за неактивност во надворешната политика, тогаш во моментов она што го направивме, и јас сум среќен како бугарски министер за надворешни работи, е фактот дека Бугарија, како силен глас во Европа, е во состојба да изрази мислење, да брани паневропски позиции, кажал министерот за надворешни работи на нашиот источен сосед, пренесуваат тамошните медиуми.