Георгиев се сретна со Ѓоргиевски кој порача дека му е „чест да биде суден како Бугарин кој ја брани бугарштината во Македонија“

од Nikola Popovski
98 прегледи

Бугарија го смета случајот против Љупчо Ѓоргиевски за политички мотивиран судски процес, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Георги Георгиев, кој денес во Министерството за надворешни работи го примил претседателот на згаснатиот бугарски клуб од Битола, „Иван Михајлов“. Ова го соопштиле од бугарското МНР и истакнале дека средбата се одржала во контекст на зголемените напори на бугарската држава за заштита на правата на Бугарите во Македонија.

„Политички мотивираните судења што ги користат државните институции и судовите за репресија на луѓето што се идентификуваат како Бугари и го бранат својот идентитет се апсолутно неприфатливи во земја што тврди дека е европска“, му рекол Георгиев на Ѓоргиевски.

„Длабоко не веруваме во мотивите што беа објавени против вас и во предметот на вашиот случај“, додал министерот за надворешни работи. За време на разговорот, првиот бугарски дипломат ја изразил категоричната поддршка на бугарската држава за Ѓоргиевски, против кого битолскиот суд изрече условна затворска казна од една година.

Судењето го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, или народски кажано за величење на ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО (организација која постоеше од 1919 до 1934 година) – Иван Михајлов како историска личност.

Министерот Георгиев, исто така, нагласил дека правото на самоопределување е фундаментален принцип на Европската Унија и не може да се доведува во прашање. „Начинот на кој ги браните вашите принципи и вашето потекло преку културниот клуб и преку вашата целокупна активност е повеќе од достоен да биде прифатен од нас како држава, заштитен, и со ова целосно и цврсто стоиме зад вас“ – вака министерот го пофалил македонскиот Бугарин.

Ѓоргиевски ѝ се заблагодарил на бугарската држава за нејзината поддршка. „Не ја прифаќам пресудата како срам. Напротив, за мене е чест да бидам суден како Бугарин кој ја брани бугарштината во Македонија. До пред неколку години, баравме да го докажеме нашето бугарско потекло, денес имам документ за бугарско потекло и нешто на што моите внуци можат да бидат горди“, кажал претседателот на згаснатиот клуб.

Бугарските медиуми најавуваат и дека претседателот Румен Радев ќе има средба со Ѓоргиевски во текот на денот.

Слични содржини