Георгиев спроведен во Кривичниот суд

од Nikola Popovski
275 прегледи

Врховниот судија Наке Георгиев попладнево бил спроведен во Основниот кривичен суд Скопје каде што треба да се одлучува за предложената мерка притвор од Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.

Истрагата е отворена по акцијата на МВР која следува по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Пред да биде избран за врховен судија, Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Во тоа време за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Членовите на Судски ги разрешија другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет, по што постапката против него беше запрена.

Пред законот, заедно со Георгиев, според Обвинителството се огрешил и некогашниот Народен правобранител во два мандата, Мемети. Но, според досегашните докази, за него не се бара притвор. Во неговата кариера во два наврати ја извршуваше функцијата министер за правда.

За одземањето на судскиот имунитет на судијата Георгиев и за одобрувањето притворот членовите на Судскиот совет расправаа и одлучуваа зад затворени врати, откако едногласно со 10 гласа „за“ одлучија да ја исклучат јавноста од седницата.

Тие се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата поради заштита на угледот и интегритетот на судијата.

Слични содржини