Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, предупреди дека американските напади врз Иран во текот на викендот би можеле да имаат негативно влијание врз глобалниот економски раст доколку последиците се прошират надвор од енергетскиот пазар.
Во разговор за „Блумберг“, Георгиева рече дека кризата на Блискиот Исток ја зголемува глобалната неизвесност.
„Го гледаме ова како уште еден извор на неизвесност во веќе многу нестабилното опкружување“, рече Георгиева, според „Гардијан“.
Таа нагласи дека ММФ внимателно го следи развојот на цените на енергијата и предупреди дека зголемувањето на цените на нафтата би можело да има пошироки економски последици.
„Постојат можни секундарни и терцијарни ефекти. Да речеме дека имало поголема нестабилност што би ги загрозило перспективите за раст во големите економии – што би можело да предизвика верижна реакција и да доведе до намалување на прогнозите за светскиот раст“, предупреди шефицата на ММФ.
Георгиева изрази надеж дека нема да има прекини во синџирите на снабдување со енергија: „Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Се молам да не дојде до тоа“, рече Георгиева.