За поголемиот дел од планетата 2023 година ќе биде тешка економска година, а третина од светот ќе влезе во рецесија, предупреди Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
„Дури и во оние земји кои технички нема да влезат во рецесија, стотици милиони луѓе ќе се чувствуваат како да има рецесија“.
Таа гостуваше во американската телевизиска емисија CBS и истакна дека најголема опасност за глобалната економија е истовремено забавување на најголемите економии – американската, ЕУ и кинеската.
По повеќе од 40 години, втората по големина економија во светот, Кина ќе има економски раст помал од глобалниот раст.
Новиот бран на инфекции со Ковид дополнително ќе ја оптоварува кинеската економија, а во првите неколку месеци кинеските стапки на раст би можеле да бидат негативни, истакна таа.
Од друга страна, американската економија изгледа поотпорна и би можела да избегне рецесија.
Сепак, според Георгиева, ниската невработеност во САД е и знак на сила и проблем за ФЕД, која ќе мора да одржува строга монетарна политика подолго време, додека зголемувањето на бројот на невработени може да помогне да се намали инфлацијата.