„Гласот на Бугарите во С.Македонија стигна до европските институции“ – ова го изјавил Љупчо Георгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола кој беше осуден на една година условна казна затвор. За него има услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контроверзниот лидер на ВМРО, Михајлов.
Георгиевски оваа недела беше гостин, на бугарските европратеници, во Европскиот парламент каде се дебатираше и гласаше за Извештајот за напредокот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Тој им се заблагодарил на сите бугарски европратеници кои му помогнале, како што вели, да одржи многу состаноци во европските институции, на кои можел да се чуе гласот на Бугарите во Маедонија.
„Што се случува, како живееме – тие треба да разберат од прва рака, бидејќи, како што гледаме, се прават ужасни манипулации против некои од нив. Мислам на работите што се случуваат во Македонија, како што се палењето на клубовите, престојот на нашите членови и активисти од друштвата, ретроактивното бришење на клубовите, наместените судења во РСМ, од кои јас сум една од жртвите“, изјавил Георгиевски за „Bg on Air“.
Тој ја коментирал и за условната затворска казна што ја доби. Според него, казната е насочена и е предупредување до сите Бугари во Македонија.
„Дека она што му се случува на Љубчо ќе му се случи на секој што јавно се изразува како Бугарин и кој ги брани правата на Бугарите во РСМ. Вториот случај е сè уште во обвинителството. На 15 мај бев повикан со обвинение за ширење расизам. Доколку се покрене обвинението, ја прекршувам првата условна казна и таа ќе стапи на сила“, рекол Георгиевски и прецизирал дека станува збор за фототипско издание на претставата „Македонска крвава свадба“.
„Ние, Бугарите во РСМ, сме можеби едни од најжестоките поддржувачи на европскиот пат на РСМ. А патот кон ЕУ оди преку човекови права. Тука, правата на Бугарите се еднакви на нула. Ние само сакаме да бидеме рамноправни со другите што живеат тука“, категоричен бил Георгиевски.
На 21 мај, во Основниот суд во Битола заврши двегодишниот судски процес против битолчанецот Георгиевски. Судењето го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, или народски кажано за величење на ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО (организација која постоеше од 1919 до 1934 година) – Иван Михајлов, како историска личност.