По интервјуто на Сашо Мијалков, ВМРО-Народна партија упати остра реакција на неговите изнесени лаги и невистини, а на сметка на лидерот на партијата, Љубчо Георгиевски и претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски.
„ВМРО-Народна партија смета дека како посебен и уникатен партиски субјект немаме ништо општо со оваа партиска гарнитура на ДПМНЕ па сходно на тоа препорачуваме Вашите криминални пресметки да си ги вршите внатре во партијата и помеѓу Вас. Особено зачудува фактот што вакви лаги и невистини ги изнесува човекот кој девет години организирал низа криминални активности за кои слушавме во прислушкуваните материјали или таканаречените „бомби“ па сметаме дека и во иднина се што ќе произнесе овој човек со сомнително минато е под знак прашалник, знаејќи како функционирал додека беше дел од власта на Никола Груевски“, се вели во соопштението на партијата.
Мијалков во интервјуто вели дека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ освоило најслаб резултат во изторијата.
„Од освоените 455.000 гласови на последните парламентарни избори во 2016 година, Христијан Мицкоски падна на 315.000 гласа. Само Љубчо Георгиевски бил полош од него во 2002 година, кога освои 300.000 гласови, а тогаш и тој и Љубе Бошковски беа на црната листа на САД, a позади себе имаа шверц на цигари, нафта, убиства и куп други афери“, изјавил Мијалков.