Георгиевски не очекува преговори со ЕУ во наредните четири години

од Nikola Popovski
463 прегледи

Поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски ја прокоментира вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски околу европскиот пат на Македонија. Георгиевски кратко порача дека не очекува ништо ново во наредните четири години.

-Владата имала план во три фази да го убеди Брисел во својата вистина? Со други зборови во идните четири години ништо од преговорите со Европската унија, објави Георгиевски на социјалните мрежи.

Мицкоски вчера уште истакна дека е оптимист и дека ќе продолжи борбата за напредокот на Македонија на европскиот пат. Рече дека имаат јасен план и стратегија составена од три дела, која ја спроведуваат шести месец.

„За секоја наша теза очекуваме антитеза, а досега не сме добиле, што значи дека првиот дел од планот веќе сме го реализирале… Во вториот дел од планот важно е да се идентификува дали со внесувањето на неколку стотици граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми или ова е првата пречка, првите 10 метри од oваа трка на 110 метри? И мислам дека со нашата стратегија полека ќе ја извадиме вистинската намера. И мислам дека на сите им станува сè појасно дека ова не е единствениот проблем, дека проблемите допрва доаѓаат. Како и дека нема да влеземе во никаква авантура доколку нема јасен план да го видиме крајот“, кажа Мицкоски на прес-конференција по објавувањето на новогодишната потрошувачка кошничка.

Според него, има нов тим во ЕУ кој полека ги запознава проблемите и Владата ќе продолжи да се бори бидејќи Македонија е во право и вистинската вистина мора да се открие.

„Затоа што вистинската вистина не е ако смениме два амандмани од преамбулата на Уставот. Вистината е поинаква и многу брзо ќе излезе на површина. Ова е втората фаза од нашиот план, а третата фаза е решавање на проблемите внатре во државата. Да покажеме дека сме достојни да седиме на таа маса (во ЕУ) поради тоа што го работиме, а не поради тоа колку прашања од 11 и 12 век решаваме кои што треба да ни бидат услов за развој во 21 и 22 век“, рече Мицкоски.

Нашата Влада се надева дека во соседна Бугарија што поскоро ќе се формира стабилна влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на земјата во ЕУ. Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е победник на парламентарните избори во Бугарија, седми во последните три и пол години, но се уште не може да формира влада.

Слични содржини