Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека градот Скопје под раководство на градоначалничката Данела Арсовска не си ги исполнува своите основни работни обврски и утрово, ѓубрето не е исчистено од улиците на Центар под чија надлежност е градот.
„Барам итно денеска градот Скопје да си ја заврши својата работа и да го исчисти ѓубрето во Центар кадешто градот и градоначалничката Данела Арсовска се надлежни. Недозволиво е центарот да Скопје да изгледа вака, јавните површини се акумулирани со ѓубре коешто не само што го загрозува здравјето на граѓаните, туку ја нарушува и животната средина. Апелирам до Арсовска и градската администрација веднаш да се фатат за работа и да ги исчистат улиците во Центар за кои самите се надлежни! Неопходно е веднаш да се интервенира и да се осигура чистотата на улиците. Во Крњево втора недела не се собира ѓубрето.”, алармира Герасимовски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска пред два дена објави дека МВР не постапува по пријава за напад на инспектори кои работат во градската администрација. Според градоначалничката, напаѓачите се уште се на слобода.
„Добар ден Министерство за внатрешни работи, би сакале да Ве информираме дека лицата кои пред извесно време им нанесоа тешки телесни повреди на инспекторите од град Скопје поради кои нашите вработени завршија во Ургентен центар, лицата кои извршија насилие со физички напад со метални шипки бидејќи беа фатени за креирање депонија и нејзино палење на улица Скупи, сеуште се на слобода.
Истата банда која повеќе пати е затекната во вршење на дела со кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, си продолжуваат со своите активности континуирано дополнети со насилство и закани. Било кој друг да е фатен за истиве дела до сега експресно ќе беше изведен пред лицето на правдата и со судска пресуда казнет за тоа што не труе секој ден“, истакна Арсовска.
Градоначалничката исто така се пофали дека има над 300 исчистени диви депонии и досега единствено градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска. Според неа, Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.