Општина Центар ја замислувам со повеќе зеленило и средени урбанистички планови. Имаме план и проекти, дел од општината да биде пешачка зона, со повеќе тротоари и вело-патеки, најави кандидатот за градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски во дебатната емисијата „Студио 10“.
Според него, предвиден е двојно зголемување на буџетот во однос на екологијата.
-Меѓу трите најголеми проблеми во општината се паркингот, урбанизацијата и хигиената. Предвидено е зголемување на паркинг местата во Дебар Маало, Капиштец и Буњаковец. Продолжување на гаражата на „Народен фронт“, кај Буњаковец на постоечката гаража да има уште 3 нивоа под земја и 2 нивоа над земја, а во Дебар Маало, поголем дел од општинската зграда да биде зелен појас, да има мала општинска зграда и две нивоа под земја со 300 паркинг места. Исто така е планирано и „Боемска 2“ да биде само пешачка зона, како и улицата „Мирослав Крлежа“. Приоритет ни е полека Дебар Маало да го направиме целосна пешачка зона, додава Герасимовски.