Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информира дека целосно е исчистена дивата депонија зад катната гаража во Буњаковец, која беше лоцирана во близина до ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци”. Отстранувањето на дивата депонија почна минатата недела во рамки на акцијата за чистење „Центар не чека, Центар чисти” кадешто се подигна смет и се миеја улици во Центар за поголема хигиена во општината.
„Комплетно ја исчистивме дивата депонија позади Буњаковец. Пред една недела, на овој јавен простор зад катната гаража затекнавме голема количина отпад којшто бил собиран подолго време и претставуваше потенцијално жариште на зарази и закана по здравјето на жителите. Веднаш интервениравме со механизација и камиони, го исчистивме целиот отпад од материјали, азбестни плочи и друг опасен отпад. Просторот го дезинфициравме и во текот на вчерашниот ден нашите служби ја отстранија дивата депонија која била заградена, невидлива за граѓаните”, истакнува Герасимовски.
Кон крајот на 2024 година, општински служби ја расчистија и дивата депонија од стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и смет во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол.
Општина Центар ги повикува граѓаните да пријават проблеми со јавната чистота на територија на општината со цел брза интервенција на службите. Граѓаните можат да пријават смет и диви депонии на следните телефонски броеви: 076/350-767 и 02/3203-693.