Герасимовски: Центар е бастион само на слободомислечките граѓани и тоа така мора да остане – време е да престанеме се да гледаме и цениме низ призма на „партискиот“ нишан

Општина Центар беше урбанистичка жртва на политиката на „антиквизација“ која видовме како заврши-очекувам дека граѓаните се свесни за важноста на следните избори, вели градоначалникот Герасимовски за „Локално“

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Не би коментирал одлуки на други партии. ЗНАМ е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и како тие ќе одлучат да настапат во Центар тоа е нивна работа. Јас како градоначалник и мојот тим, сме сконцетрирани овој период пред се на реализација на проектите што ги имаме ветено на граѓаните, а не на партиски комбинаторики, вели во разговор за „Локално“, првиот човек на општина Центар, Горан Герасимовски откако вчера во јавноста се појавија информации дека лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски фрлил око на „најпосакуваната општина“ во пресрет на локалните избори во октомври, но ќе го жртвува „своето“ Куманово.

Околу историјата на општина Центар со проектот „Скопје 2014“ и поврзаноста со претходните владеачки гарнитури предводени од ВМРО-ДПМНЕ, Герасимовски објаснува дека на центарци сè уште им се свежи сеќавањата од не толку далечното минато кога, како што вели, „луѓе за уши се носеа на гласачките кутии, кога по 50 души имаа лични карти во стан од 40 квадрати, кога лифтовите се исклучуваа за да бидат оневозможени да излезат и да гласаат“…

Градоначалникот истакнува и дека Општина Центар беше урбанистичка жртва на политиката на „антиквизација“.

-Последиците од урбанистичиот хаос кој се создаде, носењето на ДУП-ови преку ноќ, начинот како се гласаат, нивното менување уште побрзо, сè уште се чувствуваат на секој чекор, особено во централното јадро и на падините на Водно. Најголем дел од тие штети ќе се чувствуваат и во следните неколку години. Оттука, очекувам дека граѓаните се свесни за важноста на следните избори и ќе внимаваат на кој ќе ја дадат својата доверба, посочува Герасимовски. 

За плановите и дали има намера повторно да се кандидира за градоначалник на општината, Герасимовски објаснува дека во изминатите години се трудел и докажал дека може поинаку да се работи. Потенцира дека е понудено она што најмногу го ценат граѓаните на Центар, а тоа е искреност, чесност, транспарентност, многу работа и проекти кои се исклучиво во интерес на граѓаните кои живеат на територија на скопската општина.

-Проблемите во Центар се секако бројни, но еден по еден полека ги решаваме и најважно е дека тоа го правиме без скриени намери и тајни агенди, без лични интереси. Доколку граѓаните ја искажат својата поддршка на анкетите за проектите кои ги реализиравме во изминатите три и пол години, а тука пред сè би сакал да ја споменам новата најмодерна градинка во населбата Пролет, проширувањето на капацитетите на ООУ ,,Коле Неделковски, со која овозможивме сите ученици да учат во една смена, модернизацијата на осветлувањето со енергетско ефикасни смарт сијалици. Отпочнување со целосна реконструкција на салата Работнички во градскиот парк, и ред други проекти во интерес на сите жители на општината, почнувајќи од најмладите до највозрасните, тогаш да , ќе се кандидирам за да ги довршам отпочнатите проекти и да реализирам уште повеќе во наредните 4 години, нагласува првиот човек на општина Центар.

Општината во Скопје долго време важеше за „бастион“ на СДСМ, ако земеме во предвид кој се беше градоначалник досега, но на последните парламентарни избори, гласовите во оваа општина покажаа помала доверба и послаб резултат. На прашањето дали партијата има сила да ја „задржи“ општината, за Герасимовски нема сомнение дека Центар е бастион само на слободомислечките граѓани и е дециден дека така мора да остане.

-Во нашата општина се имаат сменето градоначалници подржани од повеќе политички партии во изминатите 20 години. Јас повеќе би сакал да почнеме да ги вреднуваме градоначалниците по тоа што направиле за својата општина, а не на која партија припаѓаат. Тој принцип постепено треба да се пренесе и на централно ниво. Време е да престанеме се да гледаме и цениме низ призма на „партискиот“ нишан. Како млад човек јас мојата иднина и иднината на моите деца ја гледам во Македонија. Затоа сметам дека секој кој има знаење, искуство, волја треба да добие шанса да помогне да ја однесеме нашата татковина во вистинскиот правец, без разлика на партиската припадност, заклучува Герасимовски.

Несомнено, на локалните избори, актуелната владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски првпат по парламентарните избори повторно ќе се соочи со гласачите, но тие ќе бидат тест и за опозициските партии, како кај македонскиот електорат, така и меѓу партиите на Албанците во земјава. Особено атрактивен за партиите и потенцијалните кандидати е главниот град чија што градоначалничка Данела Арсовска веќе се изјасни дека нема да се кандидира за уште еден мандат. Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ неофицијално засега има неколку потенцијални кандидати за прв човек на Градот Скопје. Очигледни се дури и кампањите на неколкумина кои или се надеваат на следен мандат или типуваат на главниот град.

Локалната власт не е комплетна без членовите на советите. Па така заедно со градоначалничката се води и трката за советничките места која речиси и да не се гледа во вестите на традиционалните медиуми и мноштвото информации на социјалните мрежи, но за граѓаните е особено важна бидејќи токму тие, советниците се нивниот глас кој води до надминување на секојдневните проблеми во местата каде што живеат.

Н.П.

Слични содржини