Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во обиколка на улиците, заедно со хигиеничарите на Центар, затекна контејнери опкружени со купишта ѓубре. Од терен тој упати апел до Јавното претпријатие „Комунална хигиена” редовно да го собира отпадот и да ја преземе својата законска обврска.
„Вака Комунална хигиена си ја завршува својата работа. Како изминативе години, така и денеска, и ова понеделничко утро, центарци се будат во ѓубре. Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што Комунална хигиена не го сработува изминативе години. И после овој мој апел, повторно ќе слушнеме демант на Јавното претпријатие дека навремено си ги завршуваат своите обврски, го собираат сметот од улиците, рече градоначалникот на Центар.
Во утринската акција , хигиеничарите на ПОЦ го расчистија просторот околу контејнерите. Герасимовски порача дека Општина Центар ќе продолжи да работи во интерес на своите жители и кога тоа е надвор од ингеренциите. Најави нова опрема која ќе се набави во наредниот период.
„Нашите 120 хигиеничари цело време се на терен и ја завршуваат работата која е обврска на Јавното комунално претпријатие и за која граѓаните на Општина Центар ги плаќаат. Продолжуваме да си го чистиме Центар и да ја завршуваме работата на Јавното комунално претпријатие, продолжуваме и со она што го ветивме пред граѓаните – да купуваме дополнителна опрема. Во наредниот период се купуваат нови две цистерни за да се мијат улиците, но и нови метларки и камион кој ќе ни треба, бидејќи очигледно Комунална хигиена не си ја врши работата. Верувам дека после толку апели ќе се свестат и овој смет нема повеќе да го има на улиците на Центар,” рече градоначалникот Герасимовски.