Нашата борба е да се подобри законот во делот на дивоградбите. Ги рушиме и во законот е така. Во општина Центар имаме десетина објекти, а досега имавме три рушења. Има уште неколку диви градби на Водно и пред мене што се направени, но бараме решенија. Ако се сака, може да се седне на маса и да се најде решение. Следна средба имам со министерот Бочварски за да ја претставиме иницијативата, рече градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски претставувајќи го својот предлог за конфискација наместо уривање на бесправно изградените објекти.
-За жал имаме објекти на непознати сторители и се на државно земјиште, што е страшно. Од нас се изречени мерки, стопирани градби, влезено е со инспектори и МВР. Објектот за рушење чини неколку милиони денари и тоа само за оневозможување. За целосно отстранување чини четири пати повеќе. Не секоја општина има средства за такво нешто и самата општина утре нема од кого да ги наплати. Имаме дивоградба на државно земјиште, треба да ја рушиме со сопствени средства и немаме од кого да наплатиме. Зошто истата не ја конфискуваме и ја пренамениме да биде пензионерски дом или друго јавно добро, кажа Герасимовски во вестите на Тв Сител.
Градоначалникот информира дека имаат девет милиони денари во Буџетот на општина Центар за уривање на дивоградби, но дека се планира ребаланс за истиот да се надополни со повеќе средства и да се има поголем опфат во делот на уривањето.