Градоначалникот на општина Центар во интервју за „Локално“ говори за поделените мислења во јавноста околу Иницијативата за конфискација на дивоградби од страна на општините и можност истите да ги користат граѓаните.
Герасимовски е убеден дека Иницијативата ќе биде добро законско решение и ќе даде позитивни ефекти. Според градоначалникот, од една страна општините ќе можат да заштедат и нема да ги трошат парите на граѓаните за уривање дивоградби, од друга страна ќе ги врзауми и оние кои сега се дрзнуваат незаконски да градат.
На критичарите им порача наместо неосновано и неиздржано да критикуваат, да дадат поддршка на нешто од кое сите граѓани ќе имаат бенефит.
Градоначалникот на Центар, во интервјуто вели дека токму таквите ставови и политичка поделеност, може да ја доведат државата во состојба на немоќ и на многу дивоградби. Герасимовски вели дека Иницијативата не е популизам туку реалност која час поскоро треба да се преточи во закон со конкретен акциски план и негово спроведување.
Вашата Иницијатива за конфискација на нелегално изградени објекти, наиде на поделени мислења. Градоначалници дадоа поддршка, исто и министерот за правда Лога, но гласно ве критикуваа од Шанса за Центар, Левица, архитектот Мирослав Грчев, актерката Софија Куновска. Издржани ли се нивните критики околу Инцијативата преку која барате законски да им се овозможи на општините наместо да ги рушат дивоградбите, да ги стават во функција на граѓаните?
-Изненаден сум од реакциите на оние кои буквално своите политички кариери ги изградија на тема дивоградби и урбанизација. Очекував силна поддршка бидејќи Иницијативата е решение за проблем кој сите не засега. Жалам што кај некои политичката мотивација за критика е посилна од потребата од решение на горлив проблем. Иницијативата е целосно легитимна и може да се спроведе со добра волја на институциите. Министерот Лога смета дека има правна основа за истата, а слични закони важат во многу земји вклучително и во соседството како во Албанија. Оттаму, носењето на овие измени во законот ќе имаат повеќе позитивни ефекти. Освен што ќе го штедиме буџетот за рушење, ваквиот закон ќе значи силна превенција од идни дивоградби. Оние кои се дрзнуваат сега да градат без дозвола на диво, два пати ќе размислат во иднина дали тоа ќе го направат ако знаат дека може да вложат многу пари, а потоа да го изгубат имотот. Јас продолжувам со презентација на иницијативата кај најдлежните министри, а потоа и во владата и ќе барам конкретен акциски план за имплементација и структурирање на ефикасен и функционален закон од кој на крај бенефит ќе имаат сите граѓани.
Нелегалното градење е многу комплексен проблем на кој со децании не може да му се најде решение. Во државата не постои институција која располага со податоци колку дивоградби воопшто има, како тогаш би се спровела Иницијативата доколку се имплементира во закон?
-Токму таквите негативни ставови и политичка поделеност не доведува до оваа состојба денес. Состојба на немоќ и на многу диовградби со кои не знаеме што да правиме. Јас цврсто верувам, а тоа веќе ми го потврдуваат и квалификувани правници, дека оваа Иницијатива може да биде ефикасен закон. Не е точно дека немаме податоци за дивоградби, во општина Центар имаме увид во состојбата и лоцирани објекти за рушење со издадени решенија. Спроведувањето на законите е работа на надлежните институции и оние кои ги водат. Јас верувам дека во нашите институци има луѓе со интегритет посветени на почитување и спроведување на законите, ние во Општина Центар тоа го докажуваме во последните 18 месеци. Оваа иницијатива не е никаков популизам како што некои сакаат да ја пиркажат, туку системско решение на конкретен проблем.
Зошто не побарате средства од Владата со кои ќе ги отстраните сите дивоградби ако тоа е вистинкиот проблем?
-Мислам дека погрешно ја поставувате тезата, а гледам тоа го прават и многу други. Вистинското прашање е зошто да трошиме буџетски пари,за рушење, без разлика дали се од локалниот или државниот буџет, ако има ефикасно решение за превенција и конфискација? Ова е клучниот проблем кој сакаме да го решиме. На крајот на денот, тоа се пари на граѓаните и треба да се наменат за други проекти, а не за рушење на објекти за кои некој не го почитувал законот. Сите ние како граѓани од свој џеб го плаќаме рушењето и едноставно и да има пари во буџетот тие не треба да бидат наменети за рушење. Речиси 100.000 евра чини онеспособување на една поголема градба како да речеме онаа на Пластичарска, а близу половина милион евра целосно отстранување со чистење на теренот. Зарем треба овој буџет да го потрошиме ако има можност да ја конфискуваме и пренамениме?
Но што ако градбата не е градена по стандарди? Нели е тоа ризик?
-Секако дека би можело да биде, но затоа ќе има јасно утврдена постапка за евалуација на градбата и степенот на ризик, а со тоа и утврдување на идната намена. Поентата на законот е прво ние како општини да имаме сопствеништво на овие објекти, а потоа, во внатрешни процедури и детална анализа утврдиме како најдобро да ги употребиме и да постапуваме со нив. Сега рацете ни се врзани и тоа е она што мора да го решиме. Опцијата за рушење секогаш останува отворена, но со вакви измени во законот добиваме можност да го сведеме тоа на минимум.
Каква е состојбата со инспекциските служби во општината? Зошто тие не превенираат дивоградби и каква е нивата работа откако сте градоначалник?
-Инспекциите три пати ги зголемивме откако сум јас градоначалник и во тој сектор направивме кадровски промени. Инспекторите ги контролираат градилиштата и активните градби каде има многу неправилности кои постојано ги санкционираме. Проблемот со инспекциските служби во сите општини е што немаат доволно кадар. Ние кубуриме со инспектори, едноставно нема квалификувани инспектори на пазарот на труд. Ова е еден од следните предизвици за кои мора државата да бара решение, а јас како градоначалник исто така работам на можно системско решение. Ние за среќа имаме инспектор, има општини кои воопшто немаат ниту еден.
Редакција Локално