Во текот на вчерашниот ден, по барање на Градоначалникот Горан Герасимовски се одржа итен состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Центар, на кој освен членовите на Штабот присуствуваа инспекциските служби на општината и Командирот на ПС Беко Игор Стаменковски. Главна тема беше разгледување на безбедносната состојба во општината и предлагање мерки за подобрување на сигурноста и заштитата на граѓаните.
На состанокот беа разгледани и дискутирани следните теми: Анализа на безбедноста на станбените објекти – беа утврдени потенцијални ризици и предложени конкретни мерки за зголемување на безбедноста, како и анализа на угостителските објекти – дискутирани беа мерки за подобрување на безбедноста и усогласување со прописите. Исто така се разговараше и за функционалноста на хидрантната мрежа во станбените и деловните објекти, секако и за мерките за подобрување на безбедноста на училиштата и градинките.
,,Првиот состанок го имавме со директорите на сите општински основни училишта, затоа што безбедноста на децата за наш е најважна. Сите училишта и градинки имаат изработено План за заштита и спасување, Процена на загрозеност на институцијата и за истите имаат добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што потврдуваме дека имаме темелна основа за континуирана превенција и обезбедување на безбедна средина за нашите деца.” истакна Герасимовски.
Инспекторот за домување доби насоки и задолженија во текот на следната недела да закаже состанок со управителите на станбени, станбеноделовни и деловно-станбени згради како и со регистрираните заедници на сопственици, во врска со почитувањето на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот за заштита и спасување (хидранти, пп апарати, лифт, фасада итн.)
,,Ќе се вршат инспекциски надзори, ќе се превземаат инспекциски мерки и ќе се носат инспекциски акти во врска со почитувањето на одредбите од Законот за домување, Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради како и останатата законска како и подзаконска регулатива која е во наша надлежност во однос на Плановите за одржување на станбените згради како и застапеноста на противпожарната опрема и одржувањето на истата. Исто така ќе бидат известени надлежните институции и органи во однос на противпожарната опрема во зградите каде истата не е застапена или е нефункционална. Дополнително, во текот на следната недела ќе закажеме состанок со Подрачното одделение за заштита и спасување – Центар, во однос на заедничка акција односно заедничко постапување на службите.” изјави Герасимовски.
Во таа насока, Општина Центар ги потсетува сите угостителски објекти на нивната обврска за преземање на неопходни безбедносни мерки и ги информира дека инспекциската служба на општината ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли.
За таа цел, потребно е управителите на угостителските објекти да извршат безбедносни проверки и да ја подготват следната документација, која ќе биде предмет на инспекциската контрола:
• Тековна состојба (не постара од 6 месеци) • Лична карта на одговорното лице
• Контакт лице со телефонски број и е-маил адреса
• Имотен лист за објектот во кој се врши дејноста
• Одобрение за вршење дејност или Известување за започнување со вршење дејност, заверено од Државен инспекторат за труд
• Известување за започнување со вршење дејност, доставено до Општина Центар – Скопје
• Потврда за работно време издадена од Централен регистар на РСМ
• Пријава за работно време и распоред на работното време за угостителските објекти во Општина Центар – Скопје
• Заверени нормативи за храна и пијалоци
• Одобрение за поставување урбана опрема
• Елаборат за поставување урбана опрема
• Елаборат за заштита на животна средина
• Елаборат за заштита од пожари и доказ за негово спроведување на лице место Оваа документација треба да биде достапна во објектот, а лицата што управуваат или работат во него треба да ја приложат на увид на инспекторите.
За потребите на инспекциската постапка, документите треба да бидат во фотокопија (оригиналите ќе бидат само на увид). Доколку инспекторите утврдат неправилности, ќе биде издадено Решение за отстранување на недостатоците, кое треба да се реализира во рок од 8 дена.
Општина Центар останува посветена на унапредување на безбедноста на сите граѓани и апелира на соработка од страна на угостителските субјекти за заедничко создавање на побезбедна средина, се вели во соопштението.