Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница

од Nikola Popovski
153 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.

Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница

„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст” потсетува градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.

Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.

Слични содржини