Герасимовски на средба со противкандидатките Ивановска и Среброва: „Секој нивен предлог и иницијатива ќе бидат добредојдени“

На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите на секторите во општината, се дискутираше на повеќе теми од интерес на граѓаните: урбанизам, зеленило, нови паркинг-зони, планираното затворање на сообраќајот во Дебар Маало...

од Nikola Popovski
18 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа средба со противкандидатките од локалните избори, Билјана Ивановска од „Независни заедно” и Марија Среброва од „Левица”. Поради работни обврски, на средбата не присуствуваше кандидатот Мирослав Лабудовиќ од „Знам”.

На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите на секторите во општината, се дискутираше на повеќе теми од интерес на граѓаните: урбанизам, зеленило, нови паркинг-зони, планираното затворање на сообраќајот во Дебар Маало и друго.

„Високо ги ценам и почитувам моите противници во изборниот процес. Уште на предизборните дебати јавно потенцирав дека секој нивен предлог и иницијатива ќе бидат добредојдени. Нивните искуства со кои влегоа во трката, Среброва како советник во Советот на Општина Центар и Ивановска како поранешна претседателка на ДКСК, го кренаа нивото и квалитетот на целиот изборен процес. Се надевам дека ќе продолжиме со блиска соработка и во иднина“, рече Герасимовски.

На средбата беше договорено ваквите состаноци да продолжат и понатаму, со цел развивање на заеднички иницијативи во интерес на жителите на Центар.