Герасимовски: Подобри урбанистички и сообраќајни решенија во новиот ДУП Крњево 2

од Nikola Popovski
272 прегледи

Во новиот план Крњево 2 кој Советот на Општина Центар го донесе на последната, 26-та седница за разлика од стариот важечки ДУП, водено е сметка и за урбанистичките решенија, односно проектирање на подобро артикулирани форми на објектите и тн. „разбиени ѕидови“.

Наместо „ѕид“ без прекин на северната страна од 5 споени објекти, кој предвидуваше висинаод 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен “ѕид“ на 2 дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде секој дел е составен од по 3 споени објекти.

Стариот план предвидувал и „ѕид“ без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри кој бил оформен од 1 објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57456 м2 на 33724 м2.

Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144.931 м2 на 93.640 м2, односно за 35%.

„При изработката на овој план ги земавме предвид сите параметри и водевме сметка да донесеме што е можно подобро решение, кое нема да биде на штета на нашите жители. Подобрени се урбанистичките решенија и за разлика од стариот план, во овој зголемено е растојанието помеѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо еден, воведовме два влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Земени се предвид и растојанијата меѓу објектите кои во стариот план се високи 19 метри и се доближуваат на 5 или 7 метри меѓу себе. Во новиот план нема станбени објекти кои со лицето се доближуваат на помалку од 12 метри и тоа е во 2 случаи, а останатите се со растојание од 16, 20 метри итн. Со поголемата оддалеченост на објектите и разбиените блокови се создава простор кој е подобро проветрен, има повеќе светлина и е побезбеден за граѓаните.

Подобрени се и сообраќајните решенија, кои во стариот ДУП предвидувале слеп сообраќен крак од 220 метри, вцртан спротивно на правилата, со еден влез/излез во населбата и планот не предвидувал пешачки улици.

Во новиот план нема подолг слеп крак на улица од 100 метри, населбата има 2 влеза/излеза, еден кон булеварот „Гоце Делчев“ и другиот кон улица „Беласица“, а вцртана е и 1 режимска пешачка улица, веднаш покрај покрај булеварот „Крушевска Република“.

Слични содржини