Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски со рендер фотографии ја информира јавноста како треба да изгледа проектирањето и реконструкцијата на новата сала Работнички. Тој вели дека скопјани во Новата година добиваат целосно реконструирана спортска сала Работнички којашто е симбол на Центар и Скопје.
“Во Новата година го враќаме домот на македонската кошарка, го враќаме достоинството на нашите кошаркари. Минатата недела почнавме со реконструкција на првата фаза, кадешто ќе биде поставена нова фасада и кров, а исто така, ќе се реновираат и канцелариските простории во кои беа сместени спортските федерации. Активностите се одвиваат во полн ек, очекуваме веќе во месец март да започне реконструкцијата и на втората фаза”, потенцира Герасимовски.
Новата сала Работнички ќе биде согласно стандардите на ФИБА, со нови седишта, соблекувални, туш кабини, поставување на климатизација и подно греење.
Со реконструкцијата ќе се овозможи враќање на клубот на европската кошаркарска сцена.