Герасимовски: Проблемот со малолетничката деликвенција е проблем на сите општини

од Nikola Popovski
11 прегледи

Градоначалникот Горан Герасимовски во изјава за телевизија Сител информираше дека Владата дала зелено светло за оформување на работна група што треба општокорисната работа да се вметне во законските регулативи со цел вандализмот со уништување на јавните добра да не се повторуваат. Тој, посочи дека проблемот со малолетничката деликвенција е проблем на сите општини, а Општина Центар била иницијатор и предложила иницијатива до ЗЕЛС којашто била едногласно прифатена од ЗЕЛС.

„Како Општина сме среќни што ЗЕЛС ја препозна користа од самата иницијатива и истата беше проследена до владата. На завчерашната Седница на Влада истата се најде како точка и владата даде зелено светло за оформување на работна група која што ќе отпочне со законски измени, се со цел општокорисната работа да биде вметната во законски регулативи и овие несакани дејанија да не се повторуваат. Во текот на вчерашниот ден по иницијатива на Министерството за локална самоуправа имавме една работна група и работен состанок, управниот одбор на ЗЕЛС и одредени министерства, поразговаравме во делот за законските измени и кои се целите за истите. Наша цел со оваа иницијатива и со овие законски измени не е само казнивоста, туку и ресоцијализацијата на младите за подигнување на нивната свест за што поголема грижа на јавното добро”, рече Герасимовски.

Герасимовски, истакнува дека во одредени закони, општокорисната работа постои, но треба да се усогласат законите и да бидат опфатени и деца помали од 14 години, односно помали од 16 години, да бидат вклучени и родителите, за самиот закон да се подобри.

„И тоа беше целта на вчерашниот состанок и заклучоци. Дополнително, да не биде само казнивост, туку да биде ресоцијализација, превенција кај младите, подигнување на свеста кај младите, што поголема грижа кај родителите во делот на едукација на младите и давање правилна насока и што поголема грижа сите заедно. Самата иницијатива гледана од страна ЗЕЛС, од управните одбори од сите колеги е првично одлично прифатена. Јавноста од тоа што го добиваме како фидбек, исто така дава целосна поддршка. Верувам дека за брзо време нашите правници коишто ќе учествуваат во таа работна група, од повеќе институции вклучувајќи ги и ЗЕЛС, ќе најдат соодветни решенија за законски измени и профункционирање на овие точки”, потенцираше Герасимовски.

Слични содржини