Герасимовски се пофали дека три години по ред има потрошено нула денари за патувања и угостителски услуги

од Nikola Popovski
412 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово одржа Брифинг со новинари кадешто се разговараше за актуелните тековни, но и за следните предвидени проекти во општината.

Герасимовски информираше дека Општина Центар е најтранспарентна општина којашто секогаш е отворена за соработка со медиумите и граѓаните.

„Со новинарите и медиумските работници имаме одлична соработка, нашата пракса е секојдневно да комуницираме со новинарите и сите прашања да ги одговараме во најбрзо време. Во Општина Центар работиме одговорно, транспарентно и домаќински. Во изминатите три години од мојот мандат имам потрошено нула денари за патни трошоци во странство и нула денари за угостителски услуги”, изјави Герасимовски во изјава за медиуми по завршување на брифингот.

Герасимовски посочи дека буџетските средства коишто ги има Општината во моментов истата ги немала никогаш, а тоа се должи на доброто менаџирање.

„Нашата општина е поразлична од сите други општини затоа што го слушаме ставот и мислењето на сите советници, а потоа сите проекти во Советот ги гласаме едногласно. Имаме можност граѓаните да дадат свои предлози, идеи и сугестии за подобрување на функционирањето на општината затоа што подобри услови за живот на граѓаните е нашиот приоритет”, рече Герасимовски.

Слични содржини