Герасимовски: Штетата од уривањето на улицата „9 Мај“ ќе биде на сметка на инвеститорот

од Vladimir Zorba
134 прегледи

Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ ќе добие фактура за причинета штета по одронот на улицата „9 Мај“ зад Универзалната сала најави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Тој во изјава за медиумите рече дека причинетите штети поради непочитување на законите паѓаат на трошок на инвеститорот.

„Сета онаа штета којашто е направена во делот на рушење на дел од улицата ќе биде фактурирана на сопственикот односно на инвеститорот на таа зграда. Денеска дополнително имавме и состанок во проширен состав на којшто договоривме одредени насоки и задолженија за што побрзо го обезбедиме просторот и самата јама и дополнително дадени се насоки од моја страна да што побрзо се направи јавна набавка за да и од страна на наша надворешна фирма дополнително направиме напори и го обезбедиме целиот тој дел. Општината целосно ќе ја преземе надлежноста на улицата „9 Мај“ и ќе ги санира проблемите со кои се соочуваат граѓаните за да истите бидат безбедни“, изјави Герасимовски.

Инаку, станува збор за инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, чие градилиште зад Универзалната сала неколку пати беше затворено од градежната инспекција. Поради спротивно постапување од издаденото одобрение за градење утрово Општина Центар изрече 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.

Слични содржини