Герасимовски: Верувам дека поголемиот дел од гласачите кои гласаа за моите противкандидатки во првиот круг, ќе ми дадат поддршка и дека ќе имаме голем број гласови во вториот круг

Герасимовски истакна дека на овие избори имало околу 1.500 неважечки ливчиња во Центар, што е поголем број во однос на претходните избори

од Nikola Popovski
22 прегледи

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во емисијата „360 степени” на МРТВ истакна дека граѓаните ја препознале неговата посветена и одговорна работа во изминатите четири години и дека очекува победа во вториот круг.

Герасимовски посочи дека лично им честитал на двете кандидатки, кои излегоа од трката, за одличниот успех. Не разговарале за политичка поддршка туку за квалитетните програми и предлози што ги понудиле кандидатките.

„Сметам дека нивните идеи и предлози можат да се вклучат во нашата програма во следниот четиригодишен мандат. Верувам дека поголемиот дел од гласачите кои гласаа за нив ќе ми дадат поддршка и дека ќе имаме голем број гласови во вториот круг. Центарци знаат да проценат и да го изберат најдоброто, а тоа е концептот за Центар што заеднички го сакаме,” рече Герасимовски.

Запрашан на што се должи повисоката поддршка за него како кандидат, со 2500 гласа повеќе отколку за советничката листа на СДСМ, Герасимовски посочи дека тоа е доказ дека граѓаните ја препознале неговата лична ангажираност и резултатите постигнати во изминатите четири години.

„Тоа покажува дека граѓаните на Центар знаат да препознаат. Тие ја тргаат политиката настрана кога станува збор за локалната самоуправа и ја вреднуваат нашата заедничка соработка од претходниот мандат, поради што поддршката е поголема од онаа за партијата. Граѓаните ја препознаа работата на локалната самоуправа и на градоначалникот кој четири години работеше за нив, а не за политички интереси. Така ќе продолжиме и следните четири години, граѓаните гласаа за личност, и за мене е чест што го вреднуваа тоа што заедно сме го постигнале, што се потврдува и со резултатите од првиот круг,” изјави Герасимовски.

Герасимовски истакна дека на овие избори имало околу 1.500 неважечки ливчиња, што е поголем број во однос на претходните избори.

„Ова ќе го анализираме во наредниот период. Станува збор за 4 листи со голем број партии и кандидати, па е можно дел од грешките да се направени ненамерно при заокружување. Можно е и револт на одреден дел на граѓаните кои свесно го поништиле гласачкото ливче. Во секој случај, анализата ќе ја покаже точната слика,” рече градоначалникот.