Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечна субвенција за жителите на Општина Центар, за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2023 година.
Согласно Програмата за заштита на животната средина на Општина Центар за 2023 година Општина Центар се грижи за поздрава животна средина и намален сообраќаен метеж преку полесен пристап за набавка на дополнителна и заштитна опрема за велосипед, е- велосипед и е-тротинет!
„Општина Центар преку различни проекти ги мотивира граѓаните да користат еколошки превозни средства кои ја развиваат физичката активност, влијаат на виталноста на телото но и го одбегнуваат метежот во сообраќајот. Преку проектот Центар на точак само минатата година субвенциониравме 134 жители кои купија нов велосипед и 7 за нов Е-тротинет, а од оваа година за првпат пат во државата ќе се субвенционира и купување на дополнителна опрема за велосипеди и Е-тротинети. На мое задоволство Општина Центар повторно е водилка во воведување на проекти кои ги нема ниту една локална самоуправа во државата“, смета Герасимовски.
Јавниот повик ќе трае се до исцрпување на средствата што се предвидени во Буџетот на општината, по принципот „прв дојден – прв услужен“. Со Јавниот повик ќе се субвенционира 30% од цената за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет, но најмногу до 1.000 денари.
Секој полнолетен жител на Општина Центар што купил дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед или е-тротинет има право да аплицира на Јавниот повик, ретроактивно од 1.8.2023 година. Потребните документи за аплицирање на Јавниот повик за доделување на поединечна субвенција се објавени на веб- страницата на Општина Центар https://www.centar.gov.mk/?p=19005. Барањата со комплетна документација треба да се достават во Архивата на Општина Центар, барака бр.6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот. Правото на субвенција е еднократно.
Сите дополнителни прашања граѓаните ќе може да ги постават на телефонските броеви: 02/3203-600 и 02/3203-693.
Општина Центар е силно фокусирана за зголемена употреба на велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети, а потврда за тоа е наградата за „Највело општина во Скопскиот плански регион за 2023“.