Герберих: Сите зборуваат за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат не се толку силни за да постои страв од нив

од Берта Китинска

Се надевам дека изборната кампања ќе има содржини, а не само меѓусебни партиски обвинувања, порача денеска германскиот амбасадор Томас Герберих во интервју за „Слободен печат“ и додава кампањата не би ја нарекол валкана, туку премалку ориентирана кон суштината.

– Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат, не се толку силни за да мора да постои страв од нив. Би било важно за гласачите да знаат каква програма имаат партиите, во која насока сакаат да ја водат земјата во иднина, во интерес на граѓаните, на земјата. Кога тоа би се случило, мислам дека многу повеќе гласачи би излегле на изборите, вели Герберих, кој додава дека подобро ќе беше изборите да беа регуларни, наместо предвремени, бидејќи тоа е одреден фактор на стабилност.

Во врска со Законот за Јавно обвинителство, Герберих вели дека начелно нови закони не носат повеќе правда, туку шансите за зголемена правда и борба против корупцијата зависат од разумното имплементирање на законите.

– Законот за Јавно обвинителство од некои земји членки на ЕУ беше поставен како предуслов за започнување пристапни преговори, во областа на реформите во правосудството и добро е што овој закон се изгласа, но самиот тој нема да користи ако не се имплементира разумно. Тоа за мене значи дека случаите што ги започна или со кои се занимаваше СЈО, ќе бидат продолжени од регуларното ЈО и ќе имаат разумен крај, разумен резултат и дека луѓето што погрешиле, конечно ќе бидат казнети. Тоа мора да биде јасен сигнал до граѓаните дека политичарите се сериозни во однос на ова, нагласи Герберих.

 

Слични содржини