Герила акција: Пинокио во Скопје, укажува на опасноста од лажните вести (ФОТО)

од Vladimir Zorba
309 прегледи

На улиците на Скопје веќе некое време се води вистинска битка, но наместо со оружје и насилство, оваа битка се води преку креативни акции кои „вршат фронтален напад“ врз дезинформациите и лажните вести кои во последните неколку години стануваат вистинска напаст и закана не само за нашето општество, туку и во светски рамки.

По поставувањето серија на активистички инсталации кои на најраспространетите дезинформации и лажни вести ја спротивставија народната мудрост, денешната активистичка креатива потсетува на авантурите на Пинокио и неговите премрежија предизвикани од Лагата и разноразните лажговци, разбојници и крадци кои му го загорчуваат животот.

Да се потсетиме, на Пинокио во книгата на Карло Колоди му растеше носот по секоја кажана лага, беше ограбен, заробен, фрлен во море, дури и претворен во магаре (!) пред да се ослободи од лагите и слаткоречивите измамници.

Во моментите кога светот се соочува со совршена бура од егзистенцијални кризи – безбедносна криза настаната по суровата агресија на Руската Федерција врз Украина, енергетска криза, економска криза и да не ја заборавиме здравствената криза која никако да помине, сведочиме на еден глобален информациски судир меѓу демократските и автократските земји. Меѓу концептите за отворени либерални демократии и затворените, репресивни, тоталитарни режими.

Овој судир се карактеризира со масовна употреба на дезинформации и лажни вести кои се свесно создадени и пласирани, како дел од детално планирана пропаганда, чија цел е да се заведе јавноста во насока која им одговара на нарачателите на дезинформациите, со тоа нарушувајќи го единството во општеството, поткопувајќи ги напорите за здравствена заштита, предизвикување на паника, нарушување на односите во рамки на едно општество, или помеѓу државите, а неретко и загрозување на безбедноста на граѓаните.

Во предизборните периоди, авторите и нарачателите на дезинформации и лажни вести дури се обидуваат и да влијаат на исходот на изборите, исклучиво во интерес на нарачателите кои многу често не се дел од домашната политичка сцена, туку странски агенти кои имаат свои интереси во земјата која е таргетирана од дезинформациите.

Пинокио е прекрасна алегорија за опасноста од лагата и измамата и навистина сите треба да се замислиме и да почнеме да ги проверуваме сите вести кои ни се сервираат, особено преку социјалните мрежи.

Лагата, колку и да ни се чини привлечна на прв поглед, со себе носи само штета и може сериозно да ни го загрози и животот. Исто како и народните поговорки кои постојано ја осудуваат лагата и приказната за Пинокио во себе носи наравоучение кое можеби сме го подзаборавиле и тоа ни носи само штета, велат организаторите на акцијата.

Слични содржини