Германците треба повторно да работат повеќе бидејќи германската економија бележи лоши резултати, смета баварскиот премиер Маркус Зедер, нагласувајќи дека другите земји станале економски поуспешни.
„Во Грција, на пример, сега има шестдневна недела, додека ние зборуваме за четиридневна недела. Затоа нема да ги достигнеме. Мораме повторно да работиме повеќе, но треба да се плати повеќе работа“, изјави Зедер за „Билд“.
Според некои податоци, германската економија ја губи конкурентноста, а Зедер смета дека овие податоци се предупредувачки сигнал.
Според лидерот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), актуелната влада нема стратегија за решавање на економските проблеми.
„Помал просперитет значи опасност за стабилноста на Германија“, смета Зедер, особено ако се земе предвид зголемената популарност на десничарската Алтернатива за Германија на истокот на земјата.
„На нашата земја и треба економско чудо“, заклучи Зедер.