Германската влада ја укина програмата што им овозможуваше на висококвалификуваните странци да добијат државјанство по три години престој, наместо вообичаените пет, програма позната и како турбо натурализација.
Одлуката беше потврдена од Бундестагот во средата, исполнувајќи го предизборното ветување на канцеларот Фридрих Мерц. Програмата беше во сила од 2024 година, но само неколку стотици луѓе ја искористија.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт рече дека мерката е укината затоа што, како што изјави, „го девалвирала германското државјанство“.
„Германскиот пасош треба да биде награда за успешна интеграција, а не поттик за нелегална миграција“, рече Добриндт.
Укинувањето беше поддржано и од десничарските партии, вклучувајќи ја и крајно десничарската AfD, која остро се спротивставува на имиграцијата и претходно повика на масовни депортации.
Според германскиот јавен радиодифузен сервис ARD, само 573 лица во Берлин аплицирале за забрзано државјанство од почетокот на програмата, околу еден процент од сите апликации.
Програмата беше дел од реформите воведени во 2024 година од страна на владата на поранешниот канцелар Олаф Шолц за полесно добивање државјанство. Иако забрзаната постапка беше укината, други реформи остануваат на сила – вклучително и намалување на периодот на престој од осум на пет години и дозволување двојно државјанство.
Сепак, не се засегнати само потенцијалните идни имигранти, туку и странците што веќе живеат во Германија. Новата влада во својот коалициски договор го вклучи укинувањето на забрзаниот процес за стекнување германско државјанство што поранешната влада на социјалдемократите, зелените и либералите го воведе само една година претходно.
Законот имаше за цел да овозможи апликациите да се регистрираат во регистарот на германски граѓани по пет години редовен престој, наместо осумте што претходно беше случај (и веројатно ќе остане случај и во иднина), објавува Дојче веле.
Кандидатите сепак мора да покажат познавање на германскиот јазик и да докажат дека можат самостојно да се издржуваат.