Според информациите на Politico, планираната набавка вредна 267,7 милиони евра од германскиот одбранбен стартап Helsing е дел од пошироките напори за модернизација на Бундесвер.
Проектот е дел од повеќемилијардната трансформација на германската војска, поттикната од зголемената безбедносна закана од Русија и постепеното повлекување на САД од традиционалната улога на главен гарант на европската безбедност.
Helsing е стартап за одбранбена технологија со седиште во Минхен, основан во 2021 година и специјализиран за воени системи базирани на вештачка интелигенција. Компанијата се проценува на околу 12 милијарди евра и минатата година обезбеди околу 600 милиони евра нови инвестиции, меѓу кои и од поранешниот извршен директор на Spotify, Даниел Ек, кој сега е претседател на управниот одбор на компанијата.
Слаби резултати на терен
И покрај високите очекувања, интерни податоци од германското Министерство за одбрана, до кои имал увид Politico, покажуваат дека дроновите HX-2 во Украина ги погодиле целите во само околу една третина од мисиите. Поголемиот дел од неуспесите не се поврзуваат со руски противмерки, туку со технички проблеми, нестабилен видео-пренос, ограничувања при заклучување на целите и нефлексибилни сензорски системи.
Овие информации повторно ја отвораат старата дилема за германските воени набавки, вложување огромни средства во опрема која на терен не ги исполнува очекувањата. Во минатото, ваквите проблеми резултираа со приземјени борбени авиони, неисправни хеликоптери и недостиг од основна опрема за војниците.
Спротивставени тврдења
Helsing јавно ја промовира употребата на дроновите HX-2 во Украина како доказ за нивната ефикасност. Германија планира да набави 4.350 вакви летала, заедно со симулатори, опрема за обука и техничка поддршка, се наведува во владиниот тендер.
Компанијата тврди дека HX-2 постигнал речиси 100-процентна успешност при тестирања во Германија, Обединетото Кралство и во соработка со британската војска во Кенија. Сепак, според достапните податоци од Украина, стапката на успешност изнесувала околу 36 проценти – пет успешни погодоци во 14 мисии.
Од Helsing наведуваат дека бројот на дронови испратени во Украина бил „мал двоцифрен“, што, според нив, е недоволно за статистички сигурни заклучоци. Компанијата одби да коментира дали дроновите што Германија планира да ги купи се идентични со оние користени во Украина или станува збор за понови и понапредни верзии.
Одлука пред парламентот
Двајца извори запознаени со процесот на набавка изјавиле за Politico дека германското Министерство за одбрана ги зема предвид податоците од Украина при интерната проценка. Министерството официјално одби да ги коментира и тендерот и оперативните податоци.
Договорот е структуриран како рамковен, со можност за набавка на дополнителни 20.000 дронови и нови копнени контролни станици, што значи дека вкупната вредност може значително да порасне. Петнаесет проценти од сумата треба да се исплатат авансно.
Германскиот парламент мора да ги одобри сите воени договори над 25 милиони евра, а одлуката за овој проект се очекува до крајот на февруари. Според Bloomberg, Берлин планира дел од идните набавки на т.н. „лутечка муниција“ да ги подели меѓу Helsing и стартапот Stark Defence, со цел да избегне зависност од еден добавувач.
Случајот повторно ја отвора клучната дилема за европските армии: како да се балансира итната потреба за модерно оружје со реалните податоци за неговата ефикасност, особено кога тие доаѓаат од активна воена зона.